Толеранција и еднаквост
„Обвинувањето дека исламот ги угнетува малцинствата, нема основа ниту во светиот закон, ниту во историјата. Самата историја сведочи дека без исклучок на религиската припадност, не постои пример за угнетување на малцинствата од страна на муслиманите, а во име на исламот, во било кој историски период или на било кое место од Земјата. Ова претставува апел за сите нас да работиме заедно и да бидеме членови на „мнозинството“. Ако владее правдата, се гарантира еднаквост и се шири милостливоста. Во такви услови, концептот за „мнозинство или малцинство“, повеќе нема да има значење. Правдата бара концептот на малцинството, да биде исклучен од дискурсот. Наместо тоа, целиот дискурс би се однесувал единствено на т.н. обединета нација“.
Контекст:
По повеќе од една деценија од почетокот на глобалната „Војна против тероризмот“ во 2001 година, растечката нестабилност на Блискиот Исток ја роди Исламската држава во Ирак и Сирија (ИСИС). Оваа група контролирала големи области на овие две соседни земји меѓу 2014 и 2017 година. Многу злосторства беа извршени во овој регион и низ Европа под знамето на оваа група. Верските малцинства кои живееле во Ирак и Сирија илјадници години биле тешко прогонувани.
Конференцијата на Декларацијата од Маракеш за правата на верските малцинства во заедниците со претежно муслиманско мнозинство се одржа под покровителство на кралот на Мароко во 2016 година. Оваа конференција се обиде да понуди религиозни и правни решенија за рушење на екстремните дискурси. Се фокусираше на Уставот на Медина, истакнувајќи ги неговите позитивни карактеристики и прославувајќи ја нејзината 1.400-годишнина (видете го исечокот „Медина контекст“). Собра многу муслимански научници од над 120 земји заедно со водачи од немуслимански религиозни групи. За овие муслимански научници, Уставот на Медина ја содржи идејата за еднаквост и правда заедно со други етички вредности. Според нив, тоа би можело да ги инспирира модерните устави во земјите со мнозинско исламско население. Овој исечок е дел од заклучоците од Правната рамка и Повикот за акција на Декларацијата од Маракеш. Ја изразува потребата да се излезе подалеку од ознаките „малцинство-мнозинство“ со цел да се добие граѓанска еднаквост и правда.
Иако сегашната верска различност е признаена во Декларацијата од Маракеш, факт е дека исламските мнозински држави ја преземаат културата на мнозинството. Како може една држава да биде поинклузивна кога нејзините општествени и правни норми се вградени во мнозинската култура? Овој предизвик не ги засега само земјите со исламско мнозинство, туку и многу народи во светот каде плуралноста не е целосно претставена во идентитетот на државата.
