Гардероба и облекување: Не можете да ја раскажете книгата според корицата… се согласувате ли?

Дали облеката го прави човекот? Облекувањето може да биде форма на самоидентификација или на самоизразување. До одреден степен преку нашата облека, ние всушност изразуваме кои сме, или како сакаме луѓето да не перцепираат и да креираат мислење за нас. Оттука, облеката што ја носиме може да се смета за т.н. наша „изјава“. Сериозното посветено внимание на гардеробата во вестите, во популарната култура и во потрошувачките навики, претставува само дел од многуте импликации на облеката во општествениот живот.

Историјата ни покажува дека облеката може да послужи и за идентификување на религиозната припадност. На пример, во северномакедонското ТВ шоу „На иста страна“, облеката служи да се препознае и олесни прикажувањето на религиозната припадност на ликовите, како што е опишано во исечокот „На иста страна: Облека и надворешни знаци на идентификација“. Со поновата историја на Северна Македонија како позадина, серијата прикажува верски соживот и толеранција помеѓу доминантното православно христијанско мнозинство и значително помалото, муслиманско малцинство.

Исто така, низ историјата учиме дека понекогаш одредена облека е потребна или пак забранета, а во различни периоди наоѓаме и многу специфични религиозни прописи во врска со соодветната облека, било да станува збор за верските власти и претставници или пак за лаици, за мажи или пак за жени. На пример, исечокот за „Облеката и културата“ нè воведува во поврзаноста и односот помеѓу религијата и облеката во христијанството, како и во неговата контроверзност во одредени периоди од протестантската реформација.

Дали можеме да помислиме на таква контроверзност во однос на облеката и религиозните обичаи и практики во денешна Европа? Во далечната 1998 година, Мохамед Али Абделкадер, тогашен член на Европскиот парламент, објави книга во која, меѓу другите прашања поврзани со новата муслиманска видливост и препознатливост, се осврнал и на контроверзното прашање за муслиманките кои носат хиџаб. Извадокот избран под наслов „Жените и хиџабот“ датира од 1998 година, но контроверзноста останува жива и актуелна и повеќе од две децении подоцна.

Во рамки на истата дебата, клипот „Муслиманките разговараат за отстранување на хиџабот на работа“, го презентира мислењето на неколку муслиманки во врска со пресудата на Европскиот суд на Правдата во март 2017 година, според која се смета дека прописите на компанијата со кои се забранува „видливото носење на каков било политички, филозофски или религиозен знак“, не претставува директна дискриминација.

Изборот на овие клипинзи/исечоци може да ви помогне да размислите и да дебатирате за прашањата: како да се справите со религиозната различност преку облеката, како нечија облека ја креира нашата перцепција за таа личност, колку е праведно да се идентификува религиозноста или религиозниот идентитет со многу контроверзни религиозни симболи. Во оваа насока, дел од прашањата може да гласат:

Дали чувствувате дека сте слободни во изборот на вашата облека?

До кој степен нечија облека го креира начинот на кој размислувате за таа личност? Дали притоа постои разлика во зависност од тоа дали ја познавате или не, таа личност? Зошто? Можете ли да го објасните тоа?

Дали облеката и личноста се секогаш исти? И кого да судиме: облеката или личноста? Што би направил ти? Каков е вашиот впечаток за тоа како функционира општеството?

Од споменатите исечоци, можете ли накратко да резимирате како во минатото луѓето и општествата ја оценувале личноста или поточно облеката? И, дали соодветно на ова постојат различни последици? Ако е така, кои се тие?

Можете ли да помислите на религиозни практики во кодовите за облекување, а кои според вас се контроверзни?

Дали мислите дека се неопходни прописи за гардеробата и начинот на облекување?